Во организација на Федерацијата на фармери (ФФРМ), денеска во Мариово ќе се одржи манифестацијата „Подготвување јуфки на традиционален начин”.
– Присутните ќе имаат можност да се запознаат со традиционалниот начин на подготовка на јуфките кој се негува во нашата домашна кујна, пред се во руралните средини, соопшти ФФРМ.
Оваа манифестација ФФРМ ја организира трет пат и првпат во Мариово. Настанот се организира во рамки на проектот „Почувствувај го здравиот рурален живот”, финансиран од ИПА Програмата за прекугранична соработка со Албанија 2007-2013, што го спроведува ФФРМ како водечки партнер и Албанскиот земјоделски совет.
Целта на проектот е да придонесе за подобрување на социо-економскиот статус и благосостојбата на руралното население во пограничниот регион, конкретно во Полог и Пелагонија од македонска страна и Дибра и Елбасан од албанска, преку промоција на постоечките традиционални производи, но и преку подобрување на понудата.