Македонскиот народен театар и театарот од полскиот град Легница ќе работат на копродукциска претстава за децата бегалци од егејскиот дел на Македонија кои биле протерани во Полска. Во план е премиерата да биде во 2016 година, и во Македонија и во Полска, на македонски и на полски јазик и со актери од двете земји.
Институциите ќе потпишат двегодишен договор за соработка во копродукцијата, а по тој повод нивните директори денеска беа примени од министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, во присуство на полскиот амбасадор во земјава Јацек Мултановски.
– Темата е значајна и специфична зашто се работи за една голема трагедија. Верувам дека овој проект ќе биде од значење и за она што Македонија го прави во оваа насока. На крајот на октомври во рамки на Музејот на Македонија ќе биде отворен музеј за децата бегалци, работевме и документарен филм со личностите кои се живи и се уште имаат сеќавања за тој период, имаше интервјуа во Австралија и Канада, а во завршна фаза е и последниот дел од филмот посветен на децата беглаци – ќе бидат направени интервјуа и во Полска и во други европски земји. Верувам дека поставката во Музејот и документарниот филм доста ќе помогнат во оваа копродукција зашто имаме голем број оригинални предмети а, како што бев информирана, многу оригинални предмети и писма поседува и Амбасадата. Министерството за култура ќе даде целосна поддршка. Од следната година интензивно ќе се работи и ќе се истражува, зашто се работи за многу тежок проект, изјави министерката Канческа-Милевска по средбата со гостите од Полска. Нагласи дека е задоволна од досегашната соработка со Полска, со која наскоро Македонија ќе потпише нова програма за соработка.
Легница е град во западна Полска, на границата со Чешка и со Германија во кој, како што појасни директорот на тамошниот театар Јацек Гломб, имало многу деца бегалци од егејска Македонија.
– Тоа е важно во историјата на нашиот град и затоа го почнуваме тој заеднички проект, со по десетина актери од двете земји. Двајца драматурзи, Полјак и Македонец ќе го пишуваат текстот за претставата. Македонската премиера ќе се одржи во септември 2016 во Скопје, а во октомври ќе биде полската премиера. Сакаме да ја изведеме и во други градови во Македонија и во Полска, рече Гломб.
Посочи дека нивниот театар има направено многу претстави кои тематизираат локални приказни, зашто Легница е град со повеќе нации и култури.
– Многу години таа беше германски град. По Втората светса војна Легница е во Полска, но до крајот не беше слободен град зашто таму беше гарнизон на руската војска. Со различни судбини таму се најдоа Украинци, Грци, Македонци, Роми и многу други нации. Затоа е фантастичен град за овој тип проекти, рече Гломб, кој додаде дека овој проект долго го договарал со уметничкиот директор на МНТ Дејан Пројковски.
Пројковски соопшти дека ќе играат 20 актери од двата театра, кои ќе зборуваат на македонски и на полски.
– Претставата ќе биде базирана на човечките судбини на децата бегалци кои завршуваат во Полска, во голем дел во Легница. Во првата фаза со Јацек ќе ги прибираме сите тие приказни, започнавме интервјуа, собираме разни материјали и потоа двајца драматурзи од двете земји ќе го пишуваат текстот. По изведбите во Македонија и Полска сакаме да го промовираме и на театарските фестивали, рече Пројковски.
Од соработката се задоволни и амбасадорот Јацек Мултановски и директорот на МНТ Дејан Лилиќ кои очекуваат проект што уште повеќе ќе ја продлабочи македонско-полската културна соработка.
– За мене, како полски амбасадор во Македонија, тоа е одолжување кон тие луѓе и давање чест, рече Мултановски. Според Лилиќ, од проектот ќе излезат различни форми на уметност, не само претстава.
– Не е само значаен проект за Македонија или Полска, туку за цела Европа. Ова е доказ дека сме на патеката да создаваме големи продуции, големи претстави и големи копродукции помеѓу МНТ и европски центри, рече Лилиќ.