Преодната влада на Тајланд, на чие чело е лидерот на воениот удар од 22 мај годинава, генералот Прајут Кан-ока, денеска го соопшти амбициозниот план за економски реформи со ветување дека по една година Тајланд повторно ќе влезе во списокот на државите што остваруваат натпросечни економски резултати.
Потпретседателот на преодната влада Придијатор Девакула ги најави шесте приоритети на економските реформи, меѓу кои се ригорозни промени во даночната политика, преструктуирање на енергетиката, ограничување на долгот на држаните претпријатија, големи инвестиции во инфраструктурата и модернизација на земјоделството.
Промената во даночниот систем ќе значи зголемување на давачките на побогатиот дел на жителите на Тајланд за 10 отсто, додека жителите со помали приходи ќе бидат за толку проценти ослободени од давачките, ако плаќаат данок.
Преодната влада одлучила јавниот долг да не премине 60 проценти од државниот буџет. Предвидени се големи сувенции и бенефиции за проекти што ќе овозможат модернизација на земјоделството. Со државни бенефиции ќе се стимулира изградба на нови капацитети за преработка на зејоделски производи.
Соопштувајќи ги плановите за работа на преодната влада во наредните 12 месеци, вицеперемиерот Придијатор најави дека следната влада, која треба да биде формирана по општите избори планирани за октомври 2015 година, ќе наследи раководење со држава која многу позитивно ќе се разликува од сегашната.