Хрватска најверојатно шеста година по ред ќе одбележи пад на економијата, а може да се наложи да побара меѓународна помош, за да ги изврши неопходните реформи, за зголемување на продуктивноста на економијата, оценуваат аналитичари.
Уште од 2000 година, владите на земјата ги избегнуваат реформите, а се зголемуваат потребите и долговите. Освен тоа, Хрватска не одбележала раст на економијата уште од 2008. Владата се надева дека оваа година економијата ќе биде во стагнација, додека аналитичарите предвидуваат пад од 0,7 отсто.
Хрватска е во процедура за намалување на прекумерниот дефицит, наложен од Европската комисија, според која до крајот на 2016 треба да го сведе дефицитот под три проценти од БДП.
За следната година аналитичарите прогнозираат зголемување на БДП за 0,7 проценти, при што двајца од вкупно седум очекуваат седма година рецесија, а други двајца – стагнација.