Ватикан соопшти дека нема да презема никакви дополнителни безбедносни мерки за време на претстојната посета на папата Франциско на Албанија.
Соопштението е објавено по информациите во италијанските медиуми дека исламистички борци, кои се вратиле од Блискиот Исток, би можеле да претставуваат закана за безбедноста на римокатоличкиот поглавар.
Портпаролот на Ватикан, Федерико Ломбарди денеска изјави дека папата в недела во Албанија ќе го користи истото отворено возило, од кое ги поздравува и верниците на плоштадот „Свети Петар“.
– Безбедносните служби на Ватикан не се загрижени пред 11-часовната посета на Албанија, истакна Ломбарди.
Папата Франциско изрази желба да ја посети Албанија, со цел да ја нагласи преродбата на христијанството по комунизмот и да покаже како католици, православни христијани и муслимани сега заедно управуваат со земјата.