Директорката на фестивалот „Браќа Манаки“ Лабина Митевска преку писмено соопштение до медиумите реагира на утринската прес конференција, на која режисерот Столе Попов го нарече фестивалот „селска манифестација“.
„Како фестивал се трудиме достоинствено да ги пречекаме сите гости и тоа секогаш да биде на рамноправно ниво. Tоа се однесува oсобено на македонските премиери, на кои им посветуваме особено внимание и почит. Однесувањето на дел од филмската екипа на „До балчак“ сметаме дека е недолично и неправедно кон нас. Не постои светски фестивал кој бил вака навредуван од гостите. Доколку имало какво било недоразбирање, требало прво да ни се обратат нам за да го решиме на лице место, а не во јавноста намерно да се шират дезинформации и искривена слика за околностите. Ние како фестивал никогаш не поддржуваме тенденциозно правење скандали и никогаш нема да поддржуваме“, вели Митевска.
Како што вели директорката Митевска, фестивалот има концепт во кој секоја година фокусот се става на една ѕвезда. Како што вели таа, жал и е што црвениот килим и можноста да го претстави свето уметничко дело некој го користи за лична промоција.
– На отворањето ја имавме Жулиет Бинош и двајцата Оскаровци-добитници на „Златна камера 300“. Вториот фестивалски ден беше насочен кон филмот „До балчак“. И во двата случаи се вложивме со сите расположливи капацитети и можности“, потенцира директорката на фестивалот. Сите недоразбирања ги оставаме зад нас, она што е сега важно дека имаме еден мошне интересен филм, од добар автор, ние секогаш ќе ги поддржуваме квалитетните уметнички дела, затоа сме и тука – вели Митевска.
П.К.