Општина Струмица реагираше брзо и ги санираше последиците од поројните дождови во населеното место Габрово, информираше градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев и ги повика државните институции да си го завршат и својот дел.
Градоначалникот Заев најави дека до крајот на овој месец ќе биде завршена и хоризонталната сигнализација во градот и населените места.
– Двофазното крпење на дупките во нашата општина Струмица е при крај, градот и поголем дел од населените места се завршени, останува уште еден мал дел од Куклиш и Свидовица, кои што овие денови ќе завршат. Имавме проблеми во делот на неуспешните тендери, но во двофазно регулирање на јавните набавки одлучивме во брза постапка да го решиме овој проблем.
– Втората, значајна работа, за која би сакал да информираме е за брзите интервенции кои се случија во селото Габрово во овој период заради големите обилни дождови кои уништија голем дел од комуналната инфраструктура.
– Влезниот портал на селото Габрово е целосно реновиран, тоа е патната мрежа, прочистени се каналските мрежи и на крајот веќе се финишира со прочистување на каналската мрежа во населеното место, алармирани се државните институции за каналската мрежа по полето, каде што е надлежна државата, се надеваме дека во овој период и државата ќе ги изврши своите ингеренции за да можат граѓаните да пристапат до полето заради тоа што живеат од самите површини кои се на територијата на село Габрово.
– Истовремено, ги информирам граѓаните дека до крајот на месецот очекуваме избор на изведувач за да биде завршена хоризонталната сигнализација во градот и населените места.
– Оваа година доцниме, таа постапка ја завршуваме вообичаено во август, но како што информирав претходниот пат, имавме два неуспешни тендери, не се јавија никакви понудувачи, на третиот тендер, по пат на преговори, одлучивме да мотивираме фирми кои што се надвор од регионот на Струмица да може да се пријават овде на самата постапка и сега очекуваме дека до крајот на месецот токму и оваа работа ќе биде завршена.
– Инаку, вертикалната сигнализација исто така се мести по градот и населените места, тоа се знаците, каде што општината ја направи набавката, а комуналното претпријатие „Комуналец“ од Струмица заедно со своите служби ја завршува целата активност и е при самиот крај, рече во изјавата за медиумите, градоначалникот Заев.