Македонската тенисерка Лина Ѓорческа по петти пат оваа година победи на фјучрс турнир во игра на двојки, но за првпат во кариерата триумфираше на турнир со награден фонд од 25.000 долари.
Таа заедно со Деспина Папамихаил од Грција во финалето ги победија Ребека Срамкова (Словачка) и Јулија Терзиска (Бугарија) со 2:0 во сетови (6:1 и 6:4 во гемови).
Ова за нашата тенисерка е можност повторно да напредува на ВТА листата и во поединечна и во конкуренција на двојки. Во поединечна конкуренција денеска и покрај поразот од втората носителка Адриана Миту од Романија во четвртфиналето, Ѓорческа со новите бодови кога ќе и бидат „запишани“ ќе направи скок на листата.