Тројцата оскаровци, светски познатата актерка Жулиет Бинош и кинематограферите Лука Бигаци и Крис Менџис, за прв пат од одржувањето на ИФФК „Браќа Манаки“, во ист момент ќе бидат во Битола, потврди директорката Лабина Митевска и најави дека токму за тоа годинава за прв пат ќе бидат поставени и три црвени теписи.
Жулиет Бинош во Битола пристигнува од Торонто и за неколку часа ќе биде на Широк Сокак, Бигаци доаѓа директно од Лондон, а во градот веќе е и Крис Менџис, посочи Митевска на денешната прес конференција во овој град.
-Тројцата оскаровци немаат посебни барања и посакаа во раните утрински часови да ја прошетаат, погледнат и запознаат Битола. Мислам дека годинава имаме најдобра фестивалска програма, но она што мене дополнително ме радува што ни се пријавија дури 150 млади волонтери и тоа е воодушевувачки знак за фестивалот. Во голем број се јавија и студентите, а тоа ни потврдува дека младите го сакаат фестивалот и филмската уметност и дека кон тоа треба да се насочиме, истакна Митевска.
Општина Битола максимално се подготви за пречек на гостите од државата и странство, сите капацитети се исполнети и за жал влезници за филмските проекции нема, истакна градоначалникот Владимир Талески.
– Фестивалот се движи по нагорна линија и затоа постои голем интерес за највредното културно случување во Република Македонија. Имаме капацитет да бидеме добри домаќини, вклучени се сите локални јавни претпријатија и сме мобилизирани. Во Битола се случува празник. Филмскиот израз е универзален и тој овозможува да бидеме интересни и привлечни за гости од различни меридијани на светот, рече меѓудругото битолскиот градоначалник Талески.
ИФФК „Браќа Манаки“-Битола почнува утревечер и се одржува под покровителство на Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.