Украинскиот претседател Петро Порошенко вети денеска дека полуостровот Крим, што Русија го анектираше во март годинава, ќе и биде вратен на Украина.
– Крим ќе ни биде вратен. И не е потребно тоа да се слуи со воени средства, порача тој на меѓународна конференција во Киев и додаде дека загубата на Кримскиот Полуостров е важен проблем за Украина.
На конференцијата Порошенко изрази надеж дека неговата земја ќе добие специјален статус во НАТО и оти тоа ќе се случи за време на неговата посета на САД следната недела.
– За неколку денови заминувам за САД и таму ќе имам многу важни средби со конгресмени и со американскиот претседател. Се надевам дека во блиска иднина Украина ќе добие статус на земја нечленка на НАТО, рече Порошенко.
На конференцијата Порошенко ги поздрави новите европски санкции против Русија.
Порошенко истакна дека санкциите на ЕУ против Русија ја демонстрираат солидарноста на Унијата кон Киев.
– Никогаш претходно не сум чувствувал толкав степен на солидарност. Јас самиот се чувствувам за полноправен член на европското семејство, рече тој.
Порошенко изјави дека во вторник украинскиот Парламент ќе ја ратификува спогодбата за асоцијација на Европската унија со Украина.
Тој нагласи дека не може да има воено решение на украинската криза и нагласи дека ја поддржува идејата за децентрализација на власта во украинските региони.