САД сметаат дека извештајот на холандските власти за причините за несреќата со малезискиот авион, која се случи во јули во источна Украина, потврдува дека леталото било соборено од ракате „земја-воздух“, истрелана од зенитно-ракетен комплекс, изјави портпаролот на Стејт департментот Мари Харф.
– Заклучоците содржани во извештајот, кој беше презентиран вчера во Хаг, соодветствуваат со тоа како дејствуваат ракетите на системот „Бук“, за кој зборувавме, рече Харф.
Таа додаде дека заклучоците од извештајот се во согласност со првичните оценки на САД, дека авионот бил соборен од ракета „земја-воздух“, истрелана од територијата на источна Украина, која се наоѓа под контрола на проруските сепаратисти.
Харф додаде дека Русија треба да одговори на многу прашања во врска со тие случувања и рече дека се уште со сигурност не може да се каже со какви системи располагаат сепаратистите.
Конечниот холандски извештај би требало да биде готов за една година. Советот за безбедност на Холандија објави вчера времен извештај, во кој како причина за несреќата е посочено „надворешно дејствување“. Боингот се распаднал во воздух, откако бил удрен од голем број надворешни објекти, се вели во документот.
Авионот на Малезиските авиолинии леташе од Амстерсдам за Куала Лумпур и се урна на 17 јули во Доњецката област на Украина. Загинаа сите 298 патници, а повеќето од нив, односно 196, беа холандски државјани.