Бројот на сексуално злоупотребени девојчиња и девојки ширум светот алармантно се зголемува, а бројките би можеле да бидат и поголеми од што се мисли, покажуваат најновите податоци на УНИЦЕФ.
По анализирањето на состојбата во 190 земји, УНИЦЕФ открива дека во целиот свет насилството врз девојчињата и девојките е во голем пораст, но повеќето случаи за жал најчесто остануваат непријавени, имајќи предвид дека луѓето се преплашени од последиците.
Се проценува дека едно од десет девојчиња и девојки до 20 години (околу 120 милиони ширум светот) претрпеле некој вид на сексуално насилство, односно силување или некој друг вид на сексуална активност.
Речиси една третина од младите девојки, кои се во брак се жртва на емоционално, физичко или сексуално насилство од страна на нивните мажи. Тоа што најмногу шокира е фактот дека половина од тие девојки веруваат дека ова насилство е оправдано и оти е „сосема во ред мажот одвреме навреме да ги удри и да ги истепа“.
Со цел ситуацијата да се промени, а насилството да се намали, УНИЦЕФ нагласува дека е потребно да се промени околината, во која се извршуваат злосторствата. Таква систематска промена почна да се случува во Индија во 2011 година, кога 10,6 отсто од жртвите на силување биле девојчиња помлади од 14 години. Светот беше шокиран и од неодамнешното групно силување на 23-годишна девојка од Индија, која почина како последица на здобиените повреди.
– Ова се непријатни факти, ниту владите, ниту родителите не сакаат да ги видат. Но се доека не се соочиме со суровата реалност и застрашувачката статистика, никогаш нема да бидеме во состојба да го промениме менталниот склоп на луѓето, на кои насилсвото врз децата и жените им е нешто нормално и прифатливо. Тоа не е прифатливо и никогаш нема да биде, порача Антониј Лејк, извршен директор на УНИЦЕФ.