Жулиет Бинош – специјална гостинка на „Браќа Манаки“

Од:

Најбараната актерка  во моментот, во светот, Жулиет Бинош е специјалната гостинка и ѕвезда  на годинешното 35. издание на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.

Оскаровката во Битола ќе остане два дена, и во нејзина чест фестивалот ќе биде отворен со филмот „Во облаците на Силс Марија“.

На свеченото отворање ќе и биде доделена „Затна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност. Филмот е напишан специјално за Бинош од режисерот Оливие Асаја. Публиката на фестивалот, ќе има можност да присуствува на јавниот разговор со неа на 14 септември, од 11 часот во малата сала на Центарот за култура.

Бинош во тридецениската кариера снимила 58 филмови, а добила 28 награди од буквално сите фестивали кои значат во светот на филмот, меѓу кои и Оскар за најдобра споредна улога во „Англискиот пациент“ од 1996 година на Ентони Мингела.

Но, имајќи ја шансата да oстане и да снима исклучиво во жариштето на филмската индустрија, одбира да се врати дома со Алис и Мартин (1998) на Андре Ташине. Не е првпат Бинош да одолее на Холивуд. Во 1993 година го одбива Стивен Спилберг за улога  во Паркот Јура, за да може да ја толкува носечката улога на Жули во „Три бои: Сино“ на Кишловски. Втората оскаровска номинација, овојпат за главна актерка, е во светскиот мега-хит на Ласе Халстром од 2000 година, „Чоколадо“. Во тандем со Џони Деп на екранот, за оваа прекрасна романтична сторија, Бинош стана прв двоен носител на Европската филмска награда за најдобра актерка. „Европскиот Оскар“ првпат го освои уште во 1991 година со „Љубовниците на мостот“ на Леос Каракс. Освен по својата исклучителна харизма и креативна супериорност, позната е дека снима филмови со автори од различни меридијани, како Јапонецот Нобухиро Сува (Плоштад победа), Аргентинецот Сантијаго Амигорена (Неколку денови во септември), тајванскиот режисер Ху Хсиао-Хсиен (Летот на црвениот балон), сите во рамки на 2006-7, потоа Норвежанецот Ерик Поп (Илјадапати добра ноќ, 2013) и Полјачката Малгоржата Шумовска (Ел, 2010), со која следнава година ќе снима втор филм. Глуми и во два филма на еден од најголемите европски режисери, Михаел Ханеке, Код непознат (2000) и Скриено (2005), кој весникот „Тајмс“ го смести меѓу најдобрите во првата деценија на 20. век.

Посебно место тука има релацијата со Иранецот Абос Кјаростами во два проекта, камео-појавувањето во Ширин (2007) и Заврена копија од 2009. За последниот, ја освојува наградата за најдобра женска улога на Канскиот фестивал и во 2010 станува првата актерка во светот која ја носи „тројната европска круна“. Венеција ја „доби“ со „Три бои Сино“, Берлин со „Англискиот пациент“, Кан со „Заверена копија“.

Во почетокот на кариерата играла со најголемите француски и европски актери, а подоцна и со Ричард Гир (Времето на пчелите,2004), Семјуел Л. Џексон (Во мојата земја, 2004), Форест Витакер и Марион Котијар (Марија, 2005), Ал Пачино, Ченинг Тејтум, Реј Лиота (Ничиј син, 2011), Роберт Патисон и Пол Џијамати (Космополис, 2011), па и во Годзила, последниот голем холивудски блокбастер.
Честопати во кариерата толкува ролји на сериозна жена исправена пред уште потешки проблеми во животот. Ја води носечката улога во биографскиот филм „Камил Клодел 1915“ (2013) на францускиот мрачен, авангарден режисер Бруно Димон. Во „Насилно влегување“ (2006) на Мингела игра ранлива бегалка од Босна, за што и вистински доаѓа на Балканот, како едно од мошне ретките престои во регионот.

Но прифаќа и комични ликови, како во „Мојот зет ја уби сестра ми“ (1986), „Кауч во Њујорк“ (2006) „Џет лег“ (2002) со Жан Рено, „Ден во вистинскиот живот“ (2007) покрај Стив Карел, и романтичната комедија „Зборови и слики“ (2014).
И, без оглед какви оцени добиваат филмовите во кои се појавува, речиси без исклучок, Бинош е омилената актерка на сите филмски критичари. На Бродвеј се појавува во „Предавство на Харолд Пинтер“, за која е номинирана за Тони-наградата во 2000 година. Поради оваа претстава мораше да ја откаже и поканата на Клинтонови за гостување во Белата куќа, но затоа семејството на претседателот доаѓа во Њујорк за Бинош.

Во 2008 година, трагајќи по следни предизвици, ги покажува своите танчарски можности во проектот во-мене (in-i) со потврдениот кореограф Акрам Кан, стекнувајќи ласкави оцени за изведбата.

Им помага на децата од светот, бидејќи е кума на девет сираци од Камбоџа, финансирала градба на дом за деца без родители преку добротворната огранизација Децата на Азија, социјално ангажирана е преку Новинари без граници, а кога е политички активна, ги брани ставовите што смета дека треба да ги брани, како барањето да се ослободи притворениот иранскиот режисер Јафар Панахи.

Бинош е родена во Париз на 4 март 1964, како ќерка на скулптурот и режисер Жан-Мари Бинош, и на актерката Моник Ивет Стален. Сестрата на Жулиет се вика Марион и е фотографка. Живее во предградие на Париз со двете деца. Рафаел (20) кој е син на професионалниот нуркач Андре Ал, и ќерката Хана (14), чиј татко е актерот Беноа Межимел.

А.Б.

 

Би можело да ве интересира

140 години од раѓањето на Милтон Манаки: Изложба во рамки на фестивалот нем и класичен филм

Осврт кон 43. ИФФК „Браќа Манаки“: Кинематограферска елита во Битола и одлична филмска програма

Горан Наумовски

„Извидник“ на Алекс Цветков утре го затвора „Браќа Манаки“

Наум Локоски

Оддадена почит на гробот на Милтон Манаки

Наум Локоски

Отворен фестивалот „Браќа Манаки“, Клаудија Кардинале продефилира на црвениот тепих

Наум Локоски

Клаудија Кардинале пристигна во Битола

Наум Локоски