Успешна или неуспешна сезона во Охрид?!

Од:

Безброј полемики, дебати, изјави и обвинувања се слушаа во јавноста околу успешноста на туристичката сезона годинава во Охрид. Генералниот впечаток е дека Охрид ја имаше најслабата и најкратката туристичка сезона во последните години.

Иако се уште нема официјални податоци за бројот на туристите во летната сезона, продолжува трендот на зголемување на бројот на странски туристи, претежно од подалечните земји, а драстично опаѓа бројот на домашните туристи и особено туристите од земјите од регионот.

Со таквиот тек на развојот на туризмот, хотелските сместувачки капацитети работат задоволително во соработка со странските туристички оператори, но приватните сместувачки капацитети доживеаја колапс. Охриѓани многу добро паметат колку туристи имаше пред само 7-8 години кога домашните туристи и туристите од регионот го користеа приватното сместување каде кревет повеќе се бараше и во населбите што се значително далеку од центарот односно на излезите на градот.

Приватните издавачи не се обединети туку расцепкани секој посебно и не можат да одговорат на барањата на странските тур оператори. Немањето стратегија за развој на туризмот во Охрид е една од главните пречки за развојот на туризмот во Охрид.

Градоначалникот Бакрачески годинава, во паника од слабата сезона, во средината, на состанок на Локалниот економски совет се сети дека Охрид ниту годинава нема стратегија за развој на туризмот. Минатата година немаше време да се консолидира имајќи предвид дека во април ја презеде градоначалничката функција, но што го спречи годинава?

И дали тој во својата програма пред граѓаните имаше стратегија за туризмот и дали нудеше спас на градот? Угостителите се жалат дека секоја година прометот во угостителските објекти е помал, а официјалните податоци за бројот на туристи говорат дека се зголемува.

– Годинава, прометот ни е за 20 % помал отколку претходната, а цените се зголемени за 10 % во однос на минатата година. Да не зборуваме во однос со состојбата од пред неколку години – вели еден од концесионерите на плажите покрај Охридското Езеро.

Тие велат дека сезоните како во 2008 и 2009 година тешко дека можат некогаш да се вратат. Тоа беше врвот на туризмот и според исполнетоста на угостителските објекти и според прометот и финансиските придобивки.

Кратката сезона што ја има Охрид е резултат и на културно – уметничките и забавните настани кои се случуваат во него. Не може градот, но и приватните организатори да очекуваат подолга сезона кога скоро сте главни настани се организираат во викендот околу 2 август, со исклучок на фестивалот Охридско Лето каде и таму, како по правило, „главните ѕвезди“ настапуваат токму во тој викенд.

Инфраструктуралното поврзување на Охрид исто така е една од многуте пречки за развој на туризмот. Автопатското поврзување на Охрид со Гостивар и со Битола, кои беа ветени уште во програмата на ВМРО – ДПМНЕ во 2006 година, се уште се само сон за охриѓани. Еден турист од некоја од европските земји со авион до Скопје патува околу час и половина до два, а да стигне од аеродромот до Охрид потребни му се над четири часа. Бакрачески, префрлувајќи ја вината за катастрофалната сезона на медиумите кои „некоректно“ известувале и пишувале нарачани текстови, после само две недели од таа легендарна изјава, користејќи ја положбата и машинеријата на провладините медиуми, сакаше да ја претстави како најуспешна до сега.

Реномираниот економски магазин „Капитал“ го смести Бакрачески како „губитник на неделата“ веднаш по таа изјава. Оваа сезона и загрижувачката состојба со туризмот во Охрид треба да биде црвено светло за Бакрачески и неговата администрација. Немајќи идеа како до успешна сезона, Бакрачески треба да се консултира со вистински експерти од оваа област кои со своето знаење ќе помогнат да се стигне до крајната цел.

Но, охриѓани се надеваат дека на тоа Бакрачески нема да се сети на средината на наредната сезона и повторно да ги обвинува новинарите и медиумите, туку ќе ги засука ракавите веќе од есенва.

Ф.Ј.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Силното невреме направи штети во Битола, Штип и Охрид, се санираат последиците

Катерина Ѓуровски

Охриѓанец со нож повредил тројца, приведен е

Охрѓианец избран за јавен правобранител, продолжил да си работи и како адвокат

Катерина Ѓуровски

Во сообраќајка тешко е повредено 18-годишно момче од Охрид

Во сообраќајка во Охрид тешко е повредена жена

На конференција во Охрид ненадејно почина поранешен шкотски премиер

A1on