Македонските тенисери немаат голема промена во рангот на најновата ранг листа на АТП во однос на претходната. Томислав Јотовски со пласманот во полуфиналето на Златибор ги одбрани поени од лани и има вкупно 45 поени и се наоѓа на 628.место што е скок за четири позиции.
Димитар Грабул пак има пад од четири позиции и се наоѓа на 685.место со 36 поени, додека Стефан Мицов со 6 поени има пад од седум позиции и се наоѓа на 1.243 место. Шендрит Деари остана на пет поени и се наоѓа на 1.304 место (пад 4 позиции).
Најголем скок има Бесир Дургути, кој има еден поен повеќе, вкупно 4 и со тоа направи скок од 124 позиции и сега се наоѓа на 1.397.место.
На врвот на АТП листата нема промени: Новак Ѓоковиќ е прв, пред Рафаел Надал, Рожер Федерер е трет, Станислас Вавринка е на четвртото место, а зад него е Давид Ферер. Финалистите на УС опен имаат напредок: Нишикори се проби во ТОП 10 на осмото место, а Марин Чилиќ е на 12.место.