Комисијата за лустрација не работи селективно. Логично е повеќе да имаме соработници од поранешните носители на јавни функцији. Пред сè сегашните носители на јавни функции се релативно млади луѓе и не можеле да учествуваат во тие процеси и нормално е дека од актуелните носители на јавни функции ќе бидат многу малку лустрирани, вели претседателот на Комисијата за верификација на фактите Томе Аџиев во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Ние имаме лустрирано повеќе од 170, меѓутоа за 30 и нешто фалат некои технички податоци од матичната евиденција, а инаку завршени се предметите во Комисијата за да бидат објавени. Со оглед на фактот што од почетокот на делувањето на оваа Комисија до денес, до овој втор избор на Комисијата, се среќаваше со доста објективни пречки. Така на пример по формирањето уште на стартот Комисијата имаше проблем со простор, немавме простор. Додека го решивме тој проблем помина извесно време и добивме пристоен простор. Потоа се случи една иницијатива на Уставен суд, па времена мерка за запирање на извршувањето на законот во еден период од неколку месеци, па укинување на одредени одредби од Законот од страна на Уставниот суд, попречување на работата на Комисијата поради тие укинувања, па промена на одреден дел од законот за почне да фунцкионира, па повторно иницијатива пред Уставен суд, па пак укинување на одредени одредби, така што во овој период од 5 години имавме неколку, да не речам цела година и повеќе објективна пречка да продолжиме да работиме со полно темпо. Од друга страна, уигрувањето на Комисијата, доаѓањето до досиејата, работењето на извештаи на почетокот беше малку потешко. За тој прв период задоволувачки одговоривме, вели тој.