Брод теглач и шест-седум бродчиња поврзани како вагони пронајдоа подводните археолози од природо научниот музеј „Д-р Никола Незлобински“ во Струга кај подводниот археолошки локалитет во централното струшко крајбрежје на околу 400 метри од брегот на Охридското Езеро.
Директорот на Музејот Сашо Цветкоски информира дека станува збор за бродчиња од Првата светска војна, кои, според него, веројатно биле терет на некоја композиција, којашто пренесувала роба и во одреден момент била потопена тука. Бродчињата, како што појасни, се на длабочина од околу 6-7 метри, а последната откриена композијција е на осум метри.
– Мислам дека тоа со години може да прерасне во една атракција, а предметите откриени внатре може да се конзервираат и да се презентираат. Ги утврдивме позицијата и количината на потонатите бродови, како и содржината што ја имале. Дури од оние остатоци материјални што се долу, го утврдивме и типот на бродот, компанијата која го правела и неговата намена. Се надевам дека следните години ќе го афирмираме како еден многу интересен локалитет за сите оние кои се бават или кои се нуркачи професионалци, но и аматери, рече Цветкоски.
Подводниот археолог Никола Паскали, кој учествувал во истражувачката експедиција, смета дека потонатите бродови треба археолошки да се истражат, документираат и позиционираат, да се направат цртежи и да се презентираат пред јавноста за да станат туристичка атракција.
– Во сите светски нуркачки центри тие дестинации ги привлекуваат туристите, како што се потонати бродови, населби, траги од некаков живот на луѓе порано. На пример во Бугарија има случај на намерно потонување на брод за правење туристичка атракција бидејќи во тој регион немало што да се понуди, истакна Паскали. Овој подводен архолошки локалитет, кој подетално ќе се истражува идната година, бил малку познат кај стручната и културната јавност, но и кај стружани.