Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ Анета Арнаудовска денеска одржа работен состанок со претседателот на Комората на извршители на Република Македонија, Зоран Петрески.
На состанокот биле разгледани можностите за воспоставување поинтензивна и директна соработка меѓу Академијата и Комората на извршители на Република Македонија која ќе се официјализира и со потпишување меморандум за соработка помеѓу двете институции.
Како што е наведено во денешното соопштение на Академијата, во рамките на меморандумот ќе бидат опфатени заеднички активности на Академијата и Комората од кои дел ќе се реализираат преку организација на заеднички обуки и семинари кои ќе бидат посветени на теми поврзани со надлежностите на судиите, јавните обвинители и извршителите, со посебен акцент на Законот за извршување и дилемите со кои се соочуваат извршителите во својата секојдневна работа.
Соработката помеѓу двете институции ќе опфати размена на едукатори, аплицирање заеднички проекти кои ќе бидат од интерес како за судиите и јавните обвинители, така и за извршителите во Република Македонија, како и развивање е-леарнинг модули за обука на судиите, јавните обвинители и извршителите од области кои се во рамки на нивното професионално делување.