Шведска би можела да добие нов статус во своите односи со НАТО на самитот на Алијансата што ќе се одржи неделава во Велс, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
Таквиот нов статус се прецизира како „проширени можности за соработка“.
Напоредно со Шведска, на самитот во Велс истиот нов статус се очекува да го добијат и Финска, Австралија, Грузија и Јордан.
Според извори во седиштетот на НАТО, тоа значи дека Алијансата ги отвора вратите за проширена соработка, меѓу другото, на подрачјата како разузнавање и учество во планирање на заеднички воени вежби, вклучувајќи ги и силите за брзи интервенции во кризни ситуации.
– Шведска ќе ја развие и подобри својата соработка со НАТО. Самитот во Велс ќе биде можност за Шведска за дискусија околу развојот на нашето партнерство, вели шведската министерка за одбрана Карин Енстром за „Свенска дагбладет“.