Министерот за одбрана Зоран Јолевски денеска во Долниот дом во Лондон имаше одвоени средби со двајца членови на Парламентот на Обединетото Кралство.
Најнапред министерот Јолевски се сретна со д-р Лиам Фокс, кој е поранешен министер за одбрана на Обединетото Кралство, при што беа разменети мислења за актуелната состојба на полето на светскиот мир и безбедноста.
За време на средбата, информираат од Министерството за одбрана, пратеникот Фокс рече дека многу добро му е познат целиот случај за приемот на Македонија во Алијансата и додаде дека членството на Македонија во НАТО ќе претставува еден значаен чекор не само за стабилноста на регионот, туку и во поглед на зацврснување на Алијансата поради што треба да се случи што поскоро.
На средбата со Марк Причард, беше искажано задоволството што Република Македонија ги споделува вредностите на НАТО иако се уште не е дел од чадорот на самата организација. Воедно беше разговарано за начините на подобрувањето на условите во армијата и беше пренесено неговото искуство.
Марк Причард е дел од програмата на Парламентот за развој на квалитетна дебата за воени прашања преку учество на членовите директно во служба на воените сили.
И двајцата пратеници за време на средбата со министерот Јолевски истакнаа дека ја поддржуваат Република Македонија во своите аспирации за членство и веруваат дека ќе успее во остварување на целта.
Министерот Јолевски во оваа прилика им се заблагодари на двајцата пратеници за поддршката и за разбирањето на проблемот кој го има нашата земја со Република Грција. Воено им упати покана да ја посетата Република Македонија и да ги видат способностите на македонските војници.