Новата преодна влада на Тајланд, веднаш по добивањео на кралскиот Указ со кој доби легитимност за владеење до октомври идната година, најави инензивна дипломатска активност со цел да ги убеди другите држави дека во Тајланд нема суштински промени на внатрешната и надворешната политика. Први чекори ќе бидат нормализација на односите и решавање на старите спорови со соседите, а дипломатијата и бизнис заедницата ќе имаат задача да ги убедат САД и европските држави дека немаат причина да го бојкотираат Тајланд по воениот пуч од 22 мај годинава.
Прв чекор на новиот шеф на тајландската дипломатија Танасак Патимапрагорн е дводнената посета на соседната Камбоџа, каде што тој и премиерот Хун Сен договориле целосна нормализација на односите. Хун Сен го истакнал задоволството од одлуката на Националниот Советза ред и мир на Тајланд, што е цивилно име за воената хунта, според која на околу 250.000 камбоџански работници во Тајланд им е легализиран статусот. Пред два месеци, од страв дека ќе бидат апсени, околу 200.000 камбоџански работници во тек на една недела пребегнаа дома, во Камбоџа.
Дефинитивно, меѓу двете држави ќе биде решен и повеќедеценискиот спор околу сувереноста на 4,6 квадратни километри земјиште на границата меѓу двете држави. Спорното земјиште се наоѓа на територија на едно од најпознатите будистички светилишта Преах Вихеар, за кое Камбоџа побара и доби позитивно решение од Меѓународниот суд на правдата во Хаг, но властите од Тајланд до сега не ја почитуваа оваа судска одлука.