(ВИДЕО) Заев: Имаме сериозни проблеми во средното образование и детските градинки

Од:

Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, денеска на сите ученици од основните и средните училишта им ја честиташе новата учебна 2014/2015 година посакувајќи им многу успех во учењето.

Истовремено, на првиот училишен ден, Градоначалникот, во изјава за медиумите, ги нотираше проблемите во средното образование и во детските градинки.

– Најгорливиот проблем е намалувањето на бројот на децата, тоа можам да го соопштам заради тоа што паралелата во последните пет години покажува огромни проценти на намалување на уписот на деца и во основните и во средните училишта. Само ќе ја спомнам бројката во средните училишта, во 2009 година биле запишани 1.187 средношколци во првата година, сега се запишани 953, тоа е повеќе од 20 проценти. Сето тоа укажува на овој тренд на иселување, пред се на младите луѓе, надвор од државата. Би сакал, исто така, да информирам за одредени состојби поврзани со насоките во средните училишта. Согласно, сите анализи кои општинската администрација заедно со училиштата и бизнис секторот ги прави, за подготовка на кадри на пазарот на трудот, имавме барање да се воведат неколку насоки во средните училишта, но за жал бевме одбиени.

– Една од насоките е угостителство и туризам која е потребна на пазарот на трудот, а не беше прифатена, и втората е рударската насока, токму поради големиот рудник во Иловица, која што беше на барање на општина Босилово, но секако и на целиот струмички регион. Овие две насоки не се прифатени и учебната година почна без нив. Ова го кажувам заради тоа што, граѓаните треба да знаат дека ги следиме современите побарувања на пазарот на трудот, а конечната цел е децата, кога ќе завршат средно образование, оние кои не сакаат да одат на високо образование, веднаш да најдат работа, а и да се усовршуваат за високото образование. Пазарот на трудот во Струмица покажува дека има потреба од овие насоки, а за одредени насоки нема воопшто интерес, како што се раноградинар, автомеханичар и слични каде што буквално има само по тројца ученици запишано или воопшто ги нема. Ова го кажувам за да можеме уште сега да ги почнеме подготовките заедно со министерството за образование и да бидат прифатени насоките од опсежните анализи кои ги правиме заедно со стопанството за да можеме да излеземе во пресрет на пазарот на трудот и секако да обезбедиме пореално вработување на младите генерации кои што доаѓаат по нас. Сакам да спомнам уште еден многу горлив проблем за кој навистина и јас како Градоначалник и Советот на општина Струмица сме загрижени, а тоа е проблемот со детските градинки во Струмица. Граѓаните знаат дека постојат 4 клона кои офаќаат преку илјада дечиња. Проблемот е во тоа што веќе долг период не можеме да добиеме согласности за испразнетите места по основ на пензионирање. Така што воспитно – образовниот и негувателскиот процес се одвива под едно ризично ниво, под едно незадоволително ниво би рекол, поради што постои голема  загриженост кај раководниот кадар на општината и на градинката.

– Се работи за следното. Во детските градинки има потреба од вкупно 112 воспитувачи, садомијачи, негуватели и хигеничари и сето она што значи неопходен кадар по систематизација, а во моментот има само 68. Значи, бараме соогласност за пополнување на испразнетите места. Податокот што ќе кажам ќе биде индикатор за сите. Во сите овие 4 клона  со околу 1000 дечиња, има само еден хигиеничар. Сите можат да сфатат колку е лоша состојбата со наставниот кадар и со кадарот за одржување на самите градинки. Имаме потреба за уште 13 воспитувачи, 7 негуватели, 8 садомијачи и 16 хигиеничари за кои бараме да се даде согласност за испразнетите места. Навистина работиме со нашите дечиња, тоа се наши дечиња на сите нас кои што живееме овде и се надевам  дека брзо ќе се интервенира  за да имаме соодветна покриеност за нега и воспитување на децата во детските градинки. Со споделувањето на овие информации, сакам сите да знаат дека започнува учебната година, и во основните и средните училишта се е подготвено како што треба, одредени појави кои што значат капитални инвестиции, како што е кровот на училиштето во Свидовица и други работи се уште ги очекуваме од министерството за образование, рече градоначалникот Заев.

 

Би можело да ве интересира

Скопје утрово со умерено ниво на аерозагаденост, прекинат прагот на алармирање во Струмица

Прекинат прагот на алармирање за аерозагадувањето во Струмица

ВИДЕО: Изгоре автомобил на патот Струмица-Дабиле

Катерина Ѓуровски

Јован и Јане се првите бебиња во Струмица во оваа година

Загаден е воздухот во Струмица, власта предлага вонредни мерки

Горан Наумовски

Струмичанец и се заканувал на 39-годишната сопруга

Горан Наумовски