Украина сака да биде снабдена со оружје, но не очекува НАТО да испрати свои војници како помош во борбата со проруските сили во источните области, изјави денеска амбасадорот на Киев во Алијансата.
– Потребна ни е дополнителна помош, вклучувајќи и воена, но јасно е дека НАТО не може да ја поддржи Украина со испраќање свои војници, а ние не очекуваме членките на Алијансата тоа да го сторат. Можеме сами да се заштитиме, но затоа ни е потребна ваша помош да ја запреме агресијата, потребна ни е ваша помош да го повикаме рускиот претседател на мир, изјави амбасадорот Ихор Долхов.
Во Брисел денеска се одржа итен состанок со претставници на НАТО на кој се зборуваше за проширувањето на кризата во Украина каде како што тврди Алијансата има најмалку илјада руски војници.
Запрашан дали некоја од членките на НАТО ја снабдува Украина со оружје, Долхов изјави на новинари: – Не, за жал не.
Долхов оцени дека се поголемото присуство на руски сили на исток во Украина, ќе влијае на одлуките на лидерите на НАТО, на состанокот во Велс во следната недела.