Во галеријата „Венеција“ во Виница денеска ќе биде отворен петтиот фестивал „Слободна зона“, под мотото „Остави трага“.
Фестивалот ќе почне со изложба на инсталации „Праг на толеранција“ во која учествуваат четири современи уметници: Маја Кировска, Марија Сотировска, Ивана Пирковска и Тони Димитров.
– Се работи за изложба на амбиентални, просторни и звучни инсталации, кои досега биле изложувани на интернационални изложби, а првпат ќе се претстават на публиката на „Слободна зона“… Авторите ги промислуваат современите проблематики за односот помеѓу човекот и природата, природата и технологијата, правецот на научно-технолошкиот развој, социјалните релации и геополитичките констелации, соопшти организаторот на фестивалот.
По отворањето на изложбата, фестивалската програма ќе продолжи со интерактивна дискусија во галерија „Теракота“, насловена „Внимавај опасност – слободна зона“. Потоа ќе биде прикажан филмот „Плати и жени“ во режија на Атанас Ѓорѓиев и ќе има дискусија за социјално-политички теми со учесници на дебатното кино Контра-кадар.
Вечерта ќе заврши со концерт на пејачката, текстописец и изведувач Рита Брага во кафе-барот „Тамо“. Од 2004 година Брага настапува низ Европа, САД и Бразил, а на фестивалот во Виница ќе го претстави својот нов материјал. Програмата на петтиот „Слободна зона“ ќе продолжи викендов.