Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека врз основа на последните извештаи за ситуацијата во Украина постои потреба да се разговара за преземање натамошни мерки.
Запрашана дали поради новата ескалација постои потреба за заострување на санкциите против Русија, таа одговори дека добива информации дека постои зајакнато присуство на руски војници и напредок на проруските сили во регионите каде досега било мирно.
– Тоа покажува дека ќе мораме да разговараме на Советот на ЕУ. Јасно ставивме до знаење дека доколку постои натамошно ескалирање ќе преземеме нови мерки. Ќе го поставиме прашањето како да се реагира на оваа состојба, истакна Меркел по собирот за Западен Балкан во Берлин.
Германската канцеларка потенцира дека желбата на ЕУ и понатаму е дипломатско решение, но мора да констатира дека ситуацијата во изминатите денови е влошена.
По повод информациите дека припадници на руската војска влегле на украинска територија, италијанскиот премиер Матео Ренци во разговор со рускиот претседател Владимир Путин порачал дека станува збор за „прекумерна ескалација на кризата во Украина“.
Ренци, чија земја моментно претседава со ЕУ, му телефонирал денеска на Путин и го предупредил на „многу тешки и сериозни последици“ по извештаите дека Москва испратила руска војска во Украина.
Тој, исто така, изрази „голема загриженост поради кризата во Украина и побара итно враќање на преговарачка маса“.