Цврсто сум убеден дека билатералната соработка помеѓу Република Македонија и Република Полска има огромен потенцијал за раст и развој, истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, кој престојува во неколкудневна работна посета на Полска.
Како што соопшти Министерството за одбрана, по средбата со својот полски колега, Томас Сиемонијак, министерот Јолевски посочи дека Македонија и Полска соработуваат во областа на одбраната од далечната 1996 година кога беше и потпишана меѓусебната спогодба за соработка, која, пак, е трета по ред од осамостојувањето на Република Македонија и основањето на Армијата на Република Македонија.
– Тој факт го докажува пријателството меѓу Македонија и Полска, додаде во тој контекст министерот.
Истовремено, поврзано со стратешките определби на Македонија за станување дел од евроатлантските организации, НАТО и Европската унија, министерот Јолевски искрено се заблагодари за поддршката која ја добиваме од Полска во реализација на овие цели.
Министерот Јолевски порача дека во периодот кој следи, Армијата на Република Македонија ќе се насочи кон модернизацијата и опремувањето, што и дава дополнителна тежина на посетата на одбранбените производствени капацитети на оваа земја, која ќе се реализира во рамките на престојот во Полска.
Полскиот министер за одбрана, Сиемонијак по средбата посочи дека самиот факт што министерот Јолевски на почетокот на мандатот ја посетува Варшава потврдува дека двете земји имаат блиски односи. Во контекст на евроатлантските интеграции полскиот министер рече дека неговата земја ќе продолжи целосно да ја подржува Македонија во нејзините аспирации за членство во НАТО и ЕУ.
– Полскиот министер укажа на тоа дека на средбата станало збор и за идната воена соработка, учеството на вежби, како и за моменталната безбедносна состојба во Европа и на Балканот, се вели во оопштението.
Министерот Јолевски и делегацијата од Министерството за одбрана и АРМ денеска ќе остварат и средби со претседателот на Комисијата за национална одбрана во полскиот Парламент, Стефан Ниесиоловски, како и со високи претставници од Бирото за национална безбедност.
Во текот на утрешниот ден, делегацијата од Република Македонија, освен Оперативната команда и Полскиот одбранбен холдинг, ќе ја посети и Националната одбранбена академија, имајќи ги предвид приоритетите на Министерството за одбрана за развој на образованието и едукацијата, се наведува во соопштението.