Кипарските Турци го поздравија именувањето на Норвежанецот Еспен Барт Ејде за специјален советник на генералниот секретар на Обединетите нации за кипарското прашање.
Претставникот на кипарските Турци на преговорите кои се водат, а со кои се бара формула за повторно обединување на островот, Кудрет Јозерсај го оценува назначувањето на поранешниот норвешки министер за надворешни работи како позитивен факт, кој според него ќе доведе до поактивно учесто на ОН во дијалогот со кипарските Грци.
Според кипарските турски медиуми Јозерсај изјавил дека од двете страни зависи дали преговорите ќе завршат успешно и додал дека назначувањето на специјален советник позитивно ќе се одрази на дијалогот.
Тој посочи дека откако почнале кипарските преговори во февруари има потешкотии, но изразил увереност дека ОН ќе помогнат тие да бидат надминати.