Две македонски младински селекции денеска ќе имаат настапи на Европски шампионати. Ракометарите до 18 години во полскиот град Гдањск ќе играат против Чешка во натпревар за пласман од 13 до 16.место на Европското првенство во Полска.
Почетокот на натпреварот е во 12:30 часот. Победникот од овој дуел во сабота за 13.место ќе игра со победникот од натпреварот Романија – Србија, додека поразените ќе играат во дуелот за 15.место.
Кадетската кошаркарска репрезентација (играчи до 16 години) вечерва во терминот од 18:45 часот во Струмица го играат вториот натпревар во рамките на групата Б на Европското првенство – Б дивизија. Противник ни е селекцијата на Словенија која веќе има две победи во групата. Македонија во првиот натпревар ја победи Норвешка со 70:44, додека вчера беше слободна. Покрај овој дуел во групата играат уште Норвешка и Израел, а слободна е селекцијата на Грузија.
Словенија е прва со биланс 2-0 (победи – порази), Македонија и Израел имаат скор 1-0, Норвешка и Грузија 0-2.