Камионите со руска хуманитарна помош за жителите во источна Украина ќе ја минат украинската граница најрано утре во шест часот по локално време (пет часот по средноевропско време), јави ИТАР-ТАСС.
Во моментов првите пет камиони од конвојот, што ги минаа царинските и безбедносни проверки на граничниот премин „Доњецк“, во меѓуграничната зона очекуваат дозвола да влезат на територијата на Украина.
Претходно денеска шефот за оперативни активности на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) за Европа и Централна Азија, Лоран Корба, во Москва изјави дека МКЦК ги презел сите неопходни административни и подготвителни мерки за минување на границата на рускиот конвој.
Корба изрази надеж дека хуманитарниот конвој утре во полн состав ќе може да влезе на украинска територија.