Папата Францско одлучи да ја повлече забраната за беатификација на убиениот салвадорски надбискуп Оскар Ромеро.
– За мене Ромеро е божји човек. Нема проблеми со доктрината, па затоа сега е важно тоа (беатификацијата) да се изврши што е можно побрзо, рече поглаварот на католичката црква.
Црквата досега го блокираше процесот на беатификација (прогласување на благословеност) затоа што за Ромеро се тврдеше дека бил заразен со „маркситички идеи“.
Беатификацијата според одредбите на Католичката црква е неопходна за да продолжи процесот за прогласување на светец.
Оскар Ромеро беше остар критичар на салвадорската десница и на воената власт во земјата за време на граѓанската војна. Во март 1980 година, тој беше убиен за време на одржувањето на една миса. Левицата и противниците на режимот за убиството ја обвинија тогашната власт во Салвадор.
Ромеро беше проповедник на либералната теологија, црковно учење кое христијанската религија ја толкува низ гледањата на сиромашните. Во времето на остар судир во земјата на десницата и левицата, неговите проповеди затоа и се толкуваа како „марксистички“ а неговите ставови и заложби како левичарски.
За време на протестите што се организираа за време на неговиот погреб во Сан Салвадор, полицијата и војската убија на десетици демонстранти.
Од 1980 до 1992 година, во земјата траеше граѓанска војна во која беа убиени околу 75.000 лица. Судирите завршија со мировен договор, со посредство на ОН.