Во организација на Агенцијата за млади и спорт и ЈП „Јасен“, Општинската Организација на Црвен крст Велес и Кајак кану клубот „Бабуна” од Велес, а под покровителство на Пливачката федерација на Македонија и Општина Велес в недела на велешкото езеро „Младост“ ќе се одржи првиот Велешки пливачки маратон 2014.
Како што информира на денешната прес конференција Илија Попов претставник на ОО на Црвен крст од Велес-Безбедност на вода, учесници на натпреварувањето се пливачи од Република Македонија, организирани во клубови или надвор од нив. Пријавувањето на кандидатите се вршеше до денес, а досега има заинтересирани околу 50-тина натпреварувачи, меѓу кои и врвни имиња во долгометражно пливање.
– Безбедноста е најважна затоа се решивме патеката да биде добро покриена. 55 спасители од Црвениот крст и 20 кајакари на клубот „Бабуна” ќе бидат распределени во гумени чамци и кајаци во езерото на дестинација од неколку стотина метри. Ќе има и моторни чамци за брза реакција, потенцира Попов.
Маратонот започнува во 10 часот со првиот круг кој изнесува 2,5 километри. Потоа од 11 часот следува трката која е во должина од 5 километри и олимписката дисциплина од 10 километри во машка и женска конкуренција.
Градоначалникот Славчо Чадиев истакна дека Општина Велес ќе стори се овој велешки пливачки маратон да стане традиционален.
– За следната година во Програмата за спорт на општината ќе биде издвоен како посебна спортска манифестација со свој буџет. Ова ќе го зголеми интересот на учесниците и на јавноста, но и ќе ја потврди нашата сериозност во намерата да вложиме во пливањето како спорт исто толку енергија и средства колку и за развојот на другите спортови, рече Чадиев.