Украинскиот Парлемент со 224 гласови „за“ денеска го усвои предлог-законот, кој содржи пакет антируски мерки.
Согласно предлогот, Советот за безбедност и одбрана на Украина ќе има право да блокира банкарски сметки, да ограничува трговски операции, целосно или делумно да го прекине транзитот на ресурси, на прелети и превоз низ украинска територија, да ги активира економските и финансиски задолженија, да ги анулира лиценците.
Предлог-законот предвидува и ограничување на влез на бродови во територијалните води или пристаништа на Украина, забрана за прелети над воздушниот простор на земјата, како и забрана за слетување во Украина.
Предвидено е и правото да се прекинат трговските договори, проекти од индустријата и од сферата на безбедноста и одбраната. Се предлага и прекин на културна размена, научна соработка, образовна и спортска соработка, неиздавање на визи за странски државјани, анулирање на официјални посети и седници, преговори за договори.
Пред гласањето украинскиот премиер Арсениј Јацењук предложи да се исклучи забраната за поштенските услуги и мерките за ограничување на медиумите и печатените изданија.