Министерот за одбрана Зоран Јолевски денеска имаше средба со дел од поранешните министри за одбрана Владо Бучковски, Трајан Гоцевски, Зоран Коњановски и Јован Манасиевски, на која се разменети мислења за модернизација на АРМ, како и за подобрување на стандардот на припадниците на Армијата на РМ.
На средбата, како што изјави министерот Јолевски, биле разменети мислења и за идните активности во поглед на интеграцијата на Македонија во НАТО и за подобрување на квалитетот на образованието на припадниците на АРМ.
– Ја изразувам благодарноста на моите колеги што одговорија на мојата покана и очекувам ваквите средби и во иднина да се одржуваат, истакна министерот Јолевски по средбата.
Поранешниот министер за одбрана Трајан Гоцевски рече дека Министерството за одбрана има голема среќа бидејќи за прв човек го доби Зоран Јолевски.
– Според мене има две референци што се битни за оваа функција. Првата е дека во периодот на двете кризи во 1999 и 2001 година тој беше во најтесниот круг на соработници на претседателот Борис Трајковски и како втора доблест е тоа што досега го имавме како амбасадор во Соединетите Американски Држави, нагласи Гоцевски и притоа порача да продожат реформите и модернизацијата на АРМ.