Бројот на илегалните имигранти, кои пристигнале во Италија со чамци е зголемен за 500 отсто во првата половина од оваа година и веќе ја надмина рекордната бројка од 2011 година, кога во тек беше арапската пролет, соопшти Агенцијата на Европската унија за контрола на границите (Фронтекс).
Агенцијата, чие седиште е во Варшава, наведе дека до крајот на јули во ЕУ преку опасниот Медитеран пристигнале 78.300 имигранти од Либија, претежно во Италија, но и на Малта. Во истиот период минатата година таа бројка изнесуваше 12.915.
Еритрејците и Сиријците се најголемиот дел од имигрантите, кои се одлучуваат на ризичното патување преку Медитеранот, но и голем број жители на потсахарска Африка, претежно од Мали и Судан, исто така доаѓаат по тој пат, изјави портпаролката на Фронтекс, Изабела Купер.
– Либија е мошне нестабилна, а тоа значи дека мрежите кои криумчарат луѓе цветаат. Но, истовремено имате имигранти од неколку земји во кои се водат војни. Имате секако Сиријци, но и Еритрејци и Сомалијци, рече Купер.