Македонската кошаркарска репрезентација ноќеска отпатува за Данска, каде утре против домашната репрезентациија ќе го игра вториот дуел од квалификациите за пласман на Европското првенство 2015.
Избраниците на селекторото Александар Џикиќ синоќа пред патувањето го одработија и последниот тренинг во Скопје. Нив ги очекуваат трите гостински средби. Првиот противник, селекцијата на Данска, го носи епитетот на аутсајдер во групата, особено по поразот од Белорусија во првото коло од 97:72 во Минск.
Сепак Данците знаат да бидат незгодни на домашен терен, во често докрај исполнетиот „Форум Хорсенс“.
Според планот, нашата делегација попладнево ќе пристигне во градот на одигрување на натпреварот, а вечерва ќе го одработи и првиот тренинг.
На серијата гостински средби, отпатуваа сите 14 кошаркари од тимот на Александар Џикиќ, со што се очекува комплетно опоравување од повредата на Дамјан Стојановски и Бојан Крстевски.
За утре изутрина планиран е уште еден тренинг на нашите репрезентативци, пред средбата што ќе почне во 19 часот и 30 минути.
Веднаш по завршувањето на тој натпревар, Македонија се сели во Минск, каде го продолжува квалификацискиот циклус со дуел против Белорусија. Последниот меч од серијата гостински натпревари „црвено-жолтите“ ќе го одигратт во Шарлоа против Белгија на 20 август, а потоа нашите кошаркари се враќаат во Скопје за последните две квалификациски средби против Данска и Белорусија на 24 и 27 август во СЦ „Борис Трајковски“.