Според повеќето Израелци „никој“ не е победник во војната меѓу Израел и Хамас, откако вчера стапи во сила тридневното примирје меѓу двете страни, покажуваат денеска објавените податоци од истражувањето во еврејската држава.
На прашањето како ги оценуваат во оваа етапа резултатите од израелската операција во Појасот Газа, која започна на 8 јули, 51 отсто од анкетираните Израелци одговориле дека не извојувале победа ниту Израел, ниту Хамас.
Триесет и шест проценти од граѓаните сметаат дека Израел е победник, а шест отсто тврдат дека тоа е Хамас.
Анкетата покажува и дека за 56 отсто од израелското население целите кои ги постави Владата за уништување на тунелите меѓу Појасот Газа и Израел, се само делумно постигнати.
Седумдесет и седум проценти од испитаниците даваат „одлична“ или „добра“ оценка за начинот на кој премиерот Бенјамин Нетанјаху ја спровел израелската офанзива.