Вкупно 15 лица загинаа во престрелките што избувнаа во ерменската енклава Нагорно Карабах, што се наоѓа на територијата на Азербејџан.
Владата во Баку соопшти дека во изминатите четири дена се убиени 12 азербејџански војници, додека властите во енклавата тврдат дека загинале тројца нивни војници.
Засега не се знае што е причина за насилствата и за меѓусебните судири, но Ерменија и Азербејџан меѓусебно се обвинуваат за обновените насилства.
Во Баку се тврди дека станува збор за најтешкиот инцидент меѓу двете соседни држави и етнички заедници во последните две децении, а од Ереван најавуваат итен состанок на лидерите на двете земји.
Претседателот на Ерменија, Серж Саргсијан и азербејџанскиот лидер Илхам Алиев треба да се сретнат во руското црноморско летувалиште Сочи, во обид да се смири кризата.
Околу 30 илјади лица загинаа или беа убиени во воените судири од пред 20 години, што завршија со прекин на огнот со посредство на Русија.
Секоја година стотина лица, меѓу кои многу цивили, се убиени по линијата на прекинот на огнот, што ги разделува христијанските Ерменци во Нагорно Карабах од мнозинското муслиманско население во Азербејџан.
Во судирите од пред две децении, започнати набргу по распадот на поранешниот Советски Сојуз, тогашните власти во Ерменија настојуваа да ја припојат енклавата кон себе. Азербејџан пак тврдеше дека енклавата е дел од нивната територија без разлика што е населена со Ерменци.