Поранешниот претседател на Киргистан, Курманбек Бакиев, денеска е прогласен за виновен и во отсуство е осуден на доживотен затвор, поради неговата улога во насилното задушување на опозициски митинг во 2010 година, при што загинаа 77 лица.
Врховниот суд во оваа централноазиска република денеска пресуди дека Бакиев во април 2010 година донесувал одлуки за мерките што ги презедоа властите како одговорот на уличните протести.
Тој беше соборен од власта во масовниот бунт што следеше поради економскиот застој и раширената корупција во земјата.
Бакиев побегна од земјата и сега живее во Белорусија. Процесот против Бакиев траеше речиси четири години.
На шестмина од вкупно 21 обвинети им се судеше во отсуство, затоа што не се наоѓаат во земјата. Меѓу нив е и братот на Бакиев, Жанибек, кој е поранешен шеф на Службата за државна безбедност и кој сега, исто така, живее во Белорусија. И тој во отсуство доби доживотна затворска казна.