Македонската кошаркарска репрезентација по неколкудневните подготовки во Скопје и во Охрид од утре до петок ќе ги има првите контролни натпревари во пресрет на квалификациите за Европското првенство 2015 година.
На турнир во Охрид, Македонија ќе игра против Австрија (среда), Романија (четврток) и Грузија (петок).
Ова воедно ќе бидат и првите натпревари на нашата селекција под водство на новиот селектор Александар Џикиќ.
По турнирот во Охрид македонската репрезентација ќе се врати во Скопје каде ќе ги продолжи подготовките, а потоа ќе следува и уште еден турнир во СЦ „Борис Трајковски“ од 25 до 27 јули со учество на репрезентациите на Италија, Црна Гора и Полска.
Квалификациите за ЕП 2015 почнуваат на 10 август, а Македонија во 1. коло игра на домашен терен со Белгија. Покрај оваа репрезентација во групата се и селекциите на Белорусија и на Данска.