Кошаркарскиот клуб Реал Мадрид во следните две сезони во своите редови ќе го има искусниот Аргентинец Андрес Ночиони.
Веста за новото засилување на „кралскиот клуб“ ја пренесе шпанска „Марка“. 34-годишниот играч ќе треба со своето искуство да помогне Реал конечно да ја освои титулата во Евролигата. Следната сезона „фајнл фор“ турнирот ќе се одржи во Мадрид што треба да претставува мала предност за Реал Мадрид.
Ночиони во својата кариера во Шпанија има настапувано во Тау Керамика и во Лаборал, од каде дојде во Мадрид. Аргентинецот има и неколкугодишно НБА искуство: Чикаго (пет сезони), Сакраменто (една сезона) и Филаделфија (две сезони).
Со репрезентацијата на Аргентина има освоено златен медал на Олимписките игри во Атина 2004 година, бронза на Игрите во Пекинг 2008, сребро на Светското првенство 2002 година и две злата (2001 и 2011) на шампионатот на ФИБА Америка.