Општина Охрид најавува воведување ред во функционирањето на времените објекти во градот

Од:

Протестите на сопствениците на времени објекти во Охрид нема да ги предомислат општинските власти да ги спроведат најавените активности за воведување ред кога станува збор за нивното поставување и функционирање.

Како што се истакнува во соопштението од локалната самоуправа, на подрачјето на Охрид од 2006 година до денеска не бил склучен договор меѓу општината и сопствениците на времените објекти за поставување на истите.

– За сите овие осум години времените објекти поставени на територијата на општина Охрид законски гледано се нелегални и тие мора да бидат отстранети. За целиот овој период нивните сопственици не уплаќале никакви средства на локалната самоуправа бидејќи и немале законски основ да го сторат тоа. Дел од оние кои поставиле времени објекти користејќи го безредието кое владееше во општинските служби за време на минатата локална власт, склучувале најразлични апсурдни договори, стои во соопштението.

Некои од времените објекти во документите, како што се наведува, фигурирале како информативни пунктови за туристи, а работеле како сендвичари за брза храна.

– Општина Охрид без разлика на критиките кои преку медиумите ги изнесуваат сопствениците на нелегалните објекти нема да се предомисли во намерата еднаш за секогаш да се стави ред и во оваа област, со цел поубав и подобар Охрид, стои во соопштението на локалната самоуправа.

Сопствениците на времени објекти во градот вчера јавно изразија незадоволство затоа што иако во јануари им било ветено дека ќе добијат соодветни информации кои од објектите ќе бидат отстранети, а за кои од нив ќе може да се склучат договори за закуп, тоа досега не се случило.

Станува збор за стотина објекти низ градот, од кои, според самите закупци, егзистенција обезбедуваат над илјада граѓани на Охрид.

Би можело да ве интересира

Обид за убиство во Охрид: Скопјанец со нож сакал да убие познаник

Уапсен маж осомничен дека предизвикал пожар, кај него е пронајдена запалка тврди полицијата

Охридскиот регион остана под заштита на УНЕСКО, ќе се ангажира фирма која ќе ги урне дивоградбите во Охрид, рече Мицкоски

Љутков: Извештајот на УНЕСКО за Охрид се однесува токму на периодот на владеење на СДСМ и ДУИ

СДСМ: Охрид е на чекор од губење на статусот на заштитено светско наследство

УНЕСКО бара Охридскиот регион да биде поместен на Листата светски природни и културни реткости во опасност