Груевски: Реформи за поквалитен наставен кадар и образование

Од:

Поквалитетен наставен кадар од педагошките факултети со цел подобрување на основното образование најавува Владата со новата реформа што планира да ја спроведе во критериумите за запишување на педагошките факултети, наставната програма и начинот на полагање на испитите.

Според премиерот Никола Груевски денеска информира дека првичниот концепт за новите реформи веќе е анализиран на седница на Владата, дополнително ќе се разговара со фелата во научните кругови, а ресорното Министерство ги почнало првичните разговори со педагошките факултети.

– Има повеќе промени со концептот што е замислен, но клучно е да се зголеми квалитетот на оние коишто ќе се запишат на овие факултети и коишто ќе ги завршат и со тоа да се зголеми квалитетот на севкупното образование во Република Македонија, пред се основното и средното, изјави премиерот Груевски по пуштањето во употреба на нова лабораторија на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ).

Според Груевски, целта е на педагошките факултети да се привлечат најдобрите матуранти. Предвидени се повеќе работи, меѓу кои најниска просечна оценка при уписот да биде минимум четворка, приемен испит со којшто ќе се провери знаењето дополнително, како и месечна стипендија од околу 10.000 денари за секој студент во тек на студирањето, загарантирано вработување за оние што ќе се запишат на педагошките факултети, појасни Груевски, нагласувајќи дека сметка на тоа наставниот процес треба да биде драстично променет со воведување наставни програми што се користат на највисоко рангираните универзитети во светот.

– Ќе бидат преземени нивни наставни програми и ќе бидат воведени во нашиот образован процес, укажа Груевски, дополнувајќи дека воедно учебниците што се користат на 10-те највисоко рангирани универзитети во светот ќе бидат целосно преземени на педагошките факултети во Македонија.

Испитите, посочи, ќе бидат спроведени на начини со коишто ќе се гарантира вистинитоста на знаењето, по теркот за државните испити што го воведе неодамна Владата и ќе почне да се спроведува помеѓу ноември годинава и февруари следната година.

– Тие претпоставуваат компјутерско полагање со однапред објавен пул на голем број на прашања, а што се спроведува во просторија што се снима и се пренесува на веб-страна на одредено министерство или институција. Секој студент односно кандидат добива различни прашања и навистина е оневозможено да има какви било нерегуларности, има одредени гаранции дека резултатот од испитот ќе биде согласно нивото на постигнатото знаење на кандидатот, изјави Груевски.

Тој информира дека со реформата е предвидено и основање академија за наставниот кадар, каде по завршување на Педагошкиот факултет пред да почнат да работат наставници ќе поминат една година. Покрај теоретско, со академијата е предвидено и практично учење кај највисоко рангирани наставници во различни училишта во Македонија согласно екстерното тестирање. Наставниците со највисоки оценки на екстерното ќе бидат делумно предавачи на теоретскиот дел и делумно ќе вршат обуки за оние што ќе бидат на пракса кај нив. На академијата, според Груевски, ќе предаваат најдобрите универзитетски професори од државава и од странство. Наставниците што веќе завршиле Педагошки факултет ќе добијат одреден законски рок што ќе биде сосема доволен да ја завршат едногодишната академија. Тоа нема да важи само за наставниците кои работат повеќе од 10 години.

Премиерот Груевски нагласи дека ова се првични идеи и оти ќе следат најмалку три јавни расправи и разговори со сите релевантни страни, односно да се слушнат мислењата и на наставниците, родителите, веројатно и на ученици, експерти од областа и меѓународни искуства. Потоа, ќе биде предложен конечниот закон што треба да претставува сериозна реформа во овој дел од причина што тренд е во последните десетици години на овие факултети да се запишуваат ученици со послаб успех и тоа доведува до лоши резултати по нивното завршување, рече Груевски.

Исто така, додаде, во изминатиот период имаше многу критики за лесниот начин на поминување на испитите на педагошките факултети можеби не кај сите професори бидејќи веројатно како и секаде има добри примери, но кај значаен дел прилично лесното добивање оценки на крај резултираше со ниско ниво на знаење и креативност на завршениот кадар кој потоа станува учители и наставници во училиштата.

– Тоа сакаме да го измениме од корен и затоа подолг период ја размислуваме оваа реформа и разговаравме и во комисиите во Владата и на самата седница на Влада и на неформални состаноци. Влегуваме во крупна операција која што верувам на долг рок ќе обезбеди многу повисок квалитет на наставниот кадар, рече Груевски.

Би можело да ве интересира

Влен: За враќање на Груевски, претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно

На Груевски му застарува затворската казна во случајот „Тенк“ за набавката на мерцедесот

Катерина Ѓуровски

Груевски: Македонија станува протекторат, народот прави црни листи на избори, а не други држави

Врховниот суд пресече за „Плацеви на Водно“ – за Груевски останува казната од Апелација

Османи: Груевски треба да биде во Македонија и тука да се соочи со правдата

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Стојаноска за средби Заев-Мицкоски: Не можам ниту да потврдам ниту да демантирам

Александар Тодески