Израелскиот министер за надворешни работи Авигдор Либерман денеска изјави дека го напушта политичкиот блок со премиерот Бенјамин Нетанјаху, што се оценува како знак за идни проблеми во владината коалиција.
Тој додаде дека засега нема да ја повлече својата националистичка партија Израел Бејтену од владината коалицијата, но нагласи дека на следните парламентарни избори ќе му биде противник на Ликуд на Нетанјаху.
На изборите во јануари минатата година партиите Ликуд и Израел Бејтену учествуваа со заедничка листа.
Либерман денеска истакна дека несогласувањата меѓу него и премиерот „за жал станале многу големи“.
Шефот на израелската дипломатија упати остри критики кон Нетанјаху поради неговото одбивање да преземе офанзива против Хамас во Појасот Газа, од каде палестински групи истрелуваат ракети кон Израел.