Тајландската туристичка индустрија очекува дека годинава во тајландските одморалишта ќе престојуваат најмалку 25 милиони странски туристи. Оваа бројка и покрај немирите што започнаа во ноември минатата година и воениот удар од 22 мај, ќе биде само околу 1,5 милион туристи помала од планираната.
Моќната тајландска Туристичка Асоцијација денеска соопшти дека со претставниците на воената управа во државата договорила низа мерки што треба да придонесат идната година во Тајланд да допатуваат над 28 милиони странски туристи.За таа цел, вредностите на Патаја, Букит и десетица други атрактивни туристички центри ќе ги промовираат специјални екипи кои се или ќе бидат испратени во амбасадите на Тајланд. Покрај тоа, наскоро ќе започнат и повеќе „роудшоу’’ активности, а најмногу ќе се работи на пазарот на Русија и државите на Арапскиот Полуостров.
Кампањата со име „Дестинација од соништата 2015’’ Тајланд ќе ја има и на најгледаните телевизиски мрежи во светот. Не е соопштено колку ќе се вложи во кампањата, но од Туристичката Асоцијација изјавиле дека ќе има повеќе од доволно пари за целосна реализација на планираното.