По однос на вчера одржаната работна средба на надлежните општински служби со концесионерите на плажи на охридското крајбрежје, денеска градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, изјави дека целта на средбата била да им се укаже на закупците на нивните обврски што произлегуваат од потпишаните договори за концесионирање.
– Целта на овој состанок беше да им се укаже на концесионерите на плажите на обврските што произлегуваат од договорот, за уредување на плажите, запазување на површината која тие ја користат, во делот на соодветно поставување на урбаната опрема, како и во делот на одржување на хигиената и безбедноста на плажата, обезбедување на спасители на вода, јавни тоалети, слободен интернет пристап и друго, истакна тој.
Средбата се одржа на иницијатива на локалната самоуправа и општинскиот инспекторат на која беа присутни и претставници на СВР-Охрид,Управата за јавни приходи, пазарниот инспекторат и претставници од Црвен Крст односно сите оние релевантни субјекти кои што имаат обврска да го регулираат реализирањето на дејноста на концесионерите кои ги зеле плажите под закуп.
– Намерата е оваа година да имаме одлично уредени плажи, но и она што е најважно за нас, задоволни гости кои што ги користат тие плажи. Ги слушнавме и размислувањата на закупците, нивните потреби и барања околу допрецизирање на обврските од договорот. Како локална самоуправа секогаш сме тука да излеземе во пресрет на нивните барања кои што произлегуваат од договорот што сме го потпишале за користење на плажите посебно во делот на одржување на хигиената што е обврска на Охридски комуналец, истакна Бакрачески.
Тој потенцира дека оваа летна сезона Општина Охрид ќе има нулта толеранција за прекршителите на договорот, односно прекршување на одредбите кои ги обврзуваат концесионерите.
– Ќе има постојан инспекциски надзор на плажите односно нема да биде поштеден ниту еден концесионер кој што нема да се придржува до договорот за користење на плажите. Согласно потпишувањето на договорот ние можеме истиот еднострано да го раскинеме и да ја деактивираме банкарската гаранција со оној концесионер кој не ги почитува одредбите пропишани во него, изјави Бакрачески, најавувајќи редовни контроли од страна на општинскиот инспекторат, како за почитување на одредбите од договорите, така и за почитување на одреденото работно време на плажите.