Црквата и државата влегуваат во судски спор за дел од црковниот имот кај манастирот Свети Наум. Имено, државата преку процес на експропријација сака да одземе дел од имотот на црквата околу манастирот Свети Наум и тоа земјиште да премине во нејзина сопственост.
Црквата добила допис од Министерството за финансии во кој се предлага одземање на градежно земјиште, а целиот процес влезе во судска постапка. Утрово, владиката Тимотеј не сакаше да го коментира целиот процес. Од Дебарско – кичевската епархија не известија дека владиката Тимотеј ќе се воздржи од изјави затоа што во тек е судски спор околу земјиштето.
А1ОН, од црковни извори, дознава дека предметот за одземање на имотот бил ставен заедно со предметите за експропријација на земјиштето што се наоѓа на местото каде што треба да се гради најавениот автопат од Кичево до Охрид. Ова, секако би можело да претставува една правна замка за црквата околу спорот во кој ќе го брани своето земјиште. Но, со одземањето на земјиштето од граѓаните кои имаат парцели каде што треба да се гради новиот автопат, државата има јавен интерес. Кој е јавниот интерес во комплексот кај Свети Наум?
Бурни реакции црквата, како и владиката Тимотеј имаа кога државата преговараше со индискиот бизнисмен Субрата Рој, кој подоцна заврши во притвор, околу најавуваниот луксузен комплекс што требаше да се протега од Љубаништа до Свети Наум, каде исто така има црковно земјиште. Владиката Тимотеј тогаш најави дека нема да даде ниту педа од црковното земјиште кое претставува огромно природно богатство. Исто така, црквата имаше конфликт и со Општина Охрид, кога беше најавувано рушење на новата порта околу црквата заедно со новите објекти, но тој спор, како што дознаваме бил надминат.
Правната разрешница околу целиот случај со земјиштето кај Свети Наум ќе треба да ја донесе Управниот суд. Останува да видиме дали владиката Тимотеј и црквата ќе издржат во битката да го зачуваат земјиштето кое им припаѓа ним.
Ф.Ј.