Речиси незначителна е трговската размена на Македонија со Романија од 1 јануари годинава до денес во однос на говедско месо и производи од месо од говеда, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) по информацијата за појава на „кравјо лудило“ или спонгиоформна енцефалопатија кај говедата во Романија.
Во овој период се увезени вкупно 13.561 килограми говедско месо и тоа пред 1 мај 2014. Пратките се пропратени со ветеринарно здравствен сертификат издаден од надлежните служби на Република Романија.
Агенцијата, како што наведува, ја следи состојбата со болеста преку известувањата на Светската организација за здравствена заштита на животните и доколку постои и најмал ризик по здравјето на граѓаните, ќе преземе соодветни мерки.
Согласно важечките прописи, Романија при ставање во промет, односно извоз во трети земји е обврзана да даде дополнителни гаранции во однос на „кравјото лудило“. Во моментов, согласно Резолуцијата Бр. 18 од мај 2014 година, Романија е ставена во категоријата земји со незначителен ризик во однос на СЕГ.
Од официјалните податоци на Светската организација за здравствена заштита на животните, појавата на болеста е потврдена на 20 јуни годинава. Болеста е утврдена при редовна контрола во кланица што укажува дека системот за контрола воспоставен во Романија е ефикасен и дава резултати. Позитивното животно е издвоено од синџирот на исхрана и нештетно отстрането. Затоа нема причина да се верува дека месо или производи од заболени животни со потекло од Република Романија претходно се ставени во промет.
Поради значењето на болеста, системите за контрола се еднакви во рамки на сите земји членки на Европската унија. Во согласност со релевантната легислатива и националното законодавство на Република Македонија е усогласено со нив.