Обединетата македонска дијаспора бара ревидирање на Рамковниот договор. Ја повикува македонската Влада и сите граѓани на Република Македонија целосно да го прегледаат Охридскиот рамковен договор и ефектите што ги има врз Македонија.
Обединетата македонска дијаспора, реагира против настани како веењето знамиња на Република Албанија и пеење на албанската химна при отворање на учебната година во училишта во Македонија, што според оваа организација, го дели македонското општество по етничка линија.
„Ако сите македонски граѓани, вклучувајќи ги и Ромите, Власите и Турците во Македонија, можат да бидат верни на македонската химна и знаме, зошто само албанското малцинство не ја има таа верност кон државата во која живеат“, стои во соопштението.
ОМД оценува дека Охридскиот рамковен договор е извор на проблеми во македонското општество, како што е сегрегацијата во училиштата.