Нови петмина офицери од Македонија во мисијата ИСАФ во Авганистан

Од:

Собранието ја изгласа одлуката за испраќање припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција, ИСАФ во Авганистан. Министерот за одбрана Зоран Јолевски образложи дека Македонија испраќа петмина штабни офицери во рамките на штабната команда Север во Мазел ел Шариф.

– Со учеството на нашите штабни офицери ја презентираме на високо ниво Република Македонија и Армијата на РМ во оваа команда, која е во рамките на германскиот контигент, изјави Јолевски.

Пратеникот Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ, кој до неодамна беше заменик – министер за одбрана, посочи дека ова се последните петмина офицери што Македонија ги испраќа во мисијата ИСАФ бидејќи таа во овој облик завршува во 2014 година.

– Очекувам во многу скоро време во парламентарна процедура да се отвори нова дискусија за нашето натамошно учество. Мора набрзо да одлучиме како и на кој начин ќе учествуваме во ИСАФ операцијата бидејќи како држава јавно деклариравме дека ние остануваме и по 2015 година во операцијата ИСАФ. Многу важни се оние детали кои треба да бидат утврдени, а тоа е типот на мисијата која што ќе ја извршуваме, евентуалниот партнер, бројот на припадници… Не само за настаните во Авганистан, туку и за нас како придонесувач во оваа меѓународна мировна операција, рече Димитриев.

Учеството на Македонија во ИСАФ е мудра одлука на нашето раководство, смета тој, бидејќи тоа на Македонија и донесе висок углед и кредибилитет од една страна, а од друга страна незамисливо е искуството што го добија нашите припадници со многуте ротации во овие мировни операции.

– Досега над 3.000 припадници на Армијата на Република Македонија беа во овие мировни операции и она што може да го стекнат во воени реални услови е нешто што не можат да го стекнат во касарните и полигоните, рече Димитриев.

Собранието на денешната седма седница претходно ги изгласа Антонио Милошоски и Рафиз Аљити за потпретседатели на Парламентот, верификуваше нови мандати на пратеници, донесе одлуки за нови членови на Агенцијата за медиуми, за членови на Националниот совет за евроинтеграции и друго.

Пратеникот Павле Трајанов истакна дека за учеството на Македонија во НАТО постои севкупен консензус во општеството. Учеството на мировниците од Македонија во мисиите е практичен доказ дека Македонија треба што е можно побрзо да добие покана за членство во Алијансата. Според него, Република Македонија треба да ги искористи позитивните коментари во однос на нејзиното учество во мисиите и да преземе дипломатска офанзива пред Самитот на НАТО во Велика Британија во септември со цел да добиеме покана за членство затоа што Република Македонија ги исполнува сите стандарди.

Предложи дипломатската офанзива да започне од Парламентот преку декларација или со писма што пратениците ќе ги испратат до сите земји-членки на НАТО. Тоа треба да го направи и МНР, Владата и претседателот на државата.

Трајанов се осврна на информациите за загинат државјанин на Република Македонија во Сирија, на страната на опозицијата и смета дека Владата треба да донесе стратегија, како и на кој начин да се справиме со овие, како што рече, исклучително сложени безбедносни проблеми кои можат да настанат од страна на оние кои учествуваат во борбите во Сирија. Нивното враќање, смета тој, ќе претставува сериозен проблем. Потребна е сериозна медиумска кампања, кампања на владиниот сектор и на политичките партии за да ги одвраќаме, како што рече, нашите државјани да учествуваат во овие конфликти на овој начин.

Би можело да ве интересира

Независниот синдикат на професионални војници поднесе кривична пријава против Славјанка Петровска

Катерина Ѓуровски

Уставниот суд ја укина забраната за вршење верски обреди во објектите на македонската армија

А1он

Сиљановска – Давкова: Најсилната страна на Армијата е човечкиот капитал

Раскинат е договорот со фирмата што ја снабдуваше АРМ со храна, по труењето на 60 војници

Мисијата на ОН во Либан во која има и македонски офицери го одби барањето на Израел да напушти дел од позициите

Катерина Ѓуровски

Оброците за АРМ се 100% исправни, соопшти фирмата која ја подготвува храната