Во Собранието на Република Македонија денеска ќе заседаваат комисиите за финансирање и буџет, за транспорт, врски и екологија, за одбрана и безбедност и за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.
Членовите на собрaниската Комисија за финансирање и буџет ќе ги разгледаат Годишниот извештај за работата на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2013 година, како и Извештајот за работата на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија во 2013 година
На дневен ред на седницата на Комисијата за транспорт, врски и екологија се Презентација на согледувањата за исполнување на целите на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на предложените кандидати за членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Годишниот извештај за работата на Агенцијата за пошти за 2013 година, Годишниот извештај за резултатите од работењето на ЈРП Македонска радио телевизија за 2013 година, Извештајот за работата на Советот за радиодифузија на Република Македонија за 2013 година и Годишниот извештај за работата на Агенцијата за електронски комуникации за 2013 година.
Пред членовите на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања се извештаите на Државната изборна комисија за прифаќање на остатокот на мандатот за пратеник во Собранието на Република Македонија, согласно член 153 од Изборниот законик.
На дневен ред на Комисијата за одбрана и безбедност е Предлог – одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција, ИСАФ во Авганистан.